Информацијата дека пасиониран обложувач од Делчево, кој во саботата буквално „ограби“ една наша обложувачница откако со 450 денари уплата ќари добивка од речиси 500.000 денари типувајќи на три пресврти во играта „полувреме-крај“, стигна дури до далечната Естонија како најава на фудбалски скандал со оглед на тоа што еден од одиграните натпревари беше од првенството во таа држава.

Делчевецот погодил дека на мечот од естонската лига помеѓу Транс Нарва и Талина прво гостите ќе бидат во водство на полувремето, но дека домаќините ќе победат на крај. Ваквите пресврти се многу ретки и тешки за погодување поради што најчесто носат големи коефициенти, а натпреварите веднаш се ставаат во графата сомнителни.
Токму поради тоа, овој дуел е ставен под лупа на естонската фудбалска федерација, но и поради фактот што таму некаде на Балканот, кој важи за едно од местата каде што е развиена обложувачката мафија, некој заработил 8.000 евра типувајќи на пресврт што ретко се гледа не само на мечевите од Естонија. Истрагата е почната, а епилогот наскоро ќе биде познат.

Човекот што доби значајна добивка средбата на екипите од Балтикот ја искомбинира со два натпревари од германските пониски лиги, на кои исто така имаше пресврт во играта „полувреме-крај“ што уште повеќе ги зголеми сомнежите дека станува збор за нешто сомнително на сите три средби.
Извор: МКД.МК